| Петта форумска сесија во Свети Николе |
| 22.05.2009. | |
|
Пет предлог-проекти се презентираа на петтата форумска сесија во Свети
Николе, што во рамки на програмата “Форуми во заедницата“ се одржа на
30 април во големата Општинска сала, во присуство на 72 жители на
општината.
Тоа се: “Отворена врата-Младински центар“, “Спортувај и биди среќен“, “Чекор напред кон вработување“, “Различни а еднакви“ и “Подадена рака“.
Проектите ги презентираа претставници на работните групи што се состануваат меѓу форумските сесии и каде ги разработуваат предлог-проектите поддржани од Форумот, согласно темата за социјална инклузија. “Работните маси“, меѓу кои општината, бизнис секторот, невладини организации и други, како и претставници од образованието, Центарот за социјална работа, дебатираа за одржливоста и оправданоста на петте предлог-проекти. Претставникот од работната група за првиот проект, за да ја објасни социјалната компонента, посочи дека одговорноста за проектот и организирање разни активности ја преземаат младите, пред се од руралната средина. Учеството од 10 проценти на Здружението на земјоделците беше образложено со нивна вклученост во адаптација на просторот, претежно со материјал. Работните групи за наредните три предлог-проекти ги аргументираа своите ставови во врска со нивната оправданост, а се забележи концизноста и прецизните аргументи за предлог-проектот “Чекор напред кон вработување“. ![]() Предлог-проектот “Подадена рака“ предизвика најдолга презентација, пред се, од страна на претставниците на Центарот за социјална работа, кои освен претставникот на оваа работна група, ја образложуваа неговата оправданост. Според нив, овој Центар не треба да биде за една намена односно треба да се прифаќаат и лица-жртви на семејно насилство, како една од неговите активности. Изработувачите на овој предлог-проект оценија дека е важно да има простор, стружни служби, опрема и програма, а за одржливоста ќе се грижи општината. Инаку, организацијата-спроведувач на Програмата во општина Свети Николе Центарот за инситуционален развој-ЦИРа укажа дека проектите треба точно да се прецизираат, да се утврдат целните групи, услугите и имотно-правните односи, за нивна полесна доизработка. Вкупниот буџет на програмата “Форуми во заедницата“ во општина Свети Николе изнесува осум милиони денари, од кои шест милиони денари се донација на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) и два милиони денари учество на општината. Програмата “Форуми во заедницата“, во оваа фаза, освен во општина Свети Николе се изведува и во Ново Село, Битола, Ресен, Долнени, Сарај, Берово и Кочани. |